Кандидати на листи

Месуд Смајовиќ: За подобра иднина неопходни ни се реформи во сите области на општествено социјалниот живот



Интервју со Месуд Смајовиќ, кандидат на листа на пратеници за ИЕ3



Месуд Смајовиќ е професионален службеник за физичко обезбедување. Работи како шеф на безбедност на фабрики за производство на медицинска опрема. По професија е машински техничар. Месуд е оженет и е татко на две деца.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски Концепт?

Месуд Смајовиќ: Затоа што почитувам свежи идеи кои се повеќе од потребни во моментов кај нас. Верувам дека на сите им е смачено од политиките кои ги водат двете најголеми партии и време е за една поинаква платформа, поблиска до граѓаните.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Месуд Смајовиќ: Да

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Месуд Смајовиќ: За подобра иднина неопходни ни се реформи во сите области на општествено социјалниот живот. Најпрво, независно и департизирано судство, борба и систем за спречување на криминалот и корупцијата, враќање на младите во државата, реформи во образованието, ефективно здравство, економски развој, финансиска стабилност, со еден збор, потребна нѝ е силна држава.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Месуд Смајовиќ: Редно е да се смени курсот на движење во нашето секојдневие. Наместо да се движиме напред во сите сфери ние се враќаме секој ден повторно назад неколку чекори.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди Македонски концепт за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Месуд Смајовиќ: Мене ме привлече храброста и искуството на промоторот на Македонски концепт, Петар Богојески. Храброста да се спротистави на статичните ставови кои ги имаат моменталниве политичари и ставот дека конечно мора да ја смениме политичката атмосфера во државава ако сакаме да тргнеме напред.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Месуд Смајовиќ: Искрено ќе дадам се од себе да ги промовирам и ширам идеите на Македонски концепт. Силно сум убеден дека оваа граѓанска опција е вистинската и единствената опција која ни е потребна во моментов и со своето влијание кое го сметам за високо во мојата општина Петровец и третата изборната единица ќе се потрудам моите сограѓани да го согледаат истото.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Месуд Смајовиќ: Поборник сум за фер и демократско општество и би се залагал за секој еден граѓанин да го добие она што го заслужува. Благосостојбата и мирот на секој од нас секојдневно треба да ни биде водилка при секое донесување на одлуките важни за сите нас.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Месуд Смајовиќ: За 5 години од сега ја гледам Македонија како го има изодено поголемиот дел од патот да стане полноравна членка на ЕУ, има спроведено темелни реформи во повеќе општествени сфери кои почнуваат да даваат резултати, ослободена е од досегашниот партиски мафии, гледам една жива држава во која граѓаните се задоволни и среќни со значително подобрен квалитет на живот.




*превземено од politika.com.mk

Бојана Тасевска: Приоритет е создавањето на услови и мотивација, ние младите да останеме тука и својот потенцијал и знаење да ги вложиме во ова наше општество и оваа наша држава



Интервју со Бојана Тасевска – Македонски Концепт – Кандидат за листа на пратеници за ИЕ 2



Бојана Тасевска има 21 година. Таа е студент на Фармацевтскиот Факултет при УКИМ во Скопје. Бојана е многу амбициозна и комуникативна личност, која тежнее кон стекнување нови знаења и искуства, преку кои верува дека лично ќе придонесе кон воведување и реализација на квалитетни промени во заедницата, како за себе, така и за другите.

Надвор од професионалниот ангажман и универзитетот, таа е страстен љубител на литературата, читањето книги и е активист за заштита на правата на животните.


ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Бојана Тасевска: Пред сѐ идеологијата на Македонски Концепт е причината заради која решив да се приклучам кон оваа граѓанска иницијатива. Потоа, нивната искрена заложба за создавање на една нормална држава, подеднакво добра и функционална за сите нејзини граѓани, без отстапки. Јас како млад човек, со визија и цели насочени кон подобра иднина, сакам да бидам дел и да придонесам кон оваа граѓанска опција, која верувам искрено се залага за заедничко подобро утре. Мотивот е уште поголем, поради укажаната можност, да учествувам во процесите на спроведување на суштински реформи кои ќе остават силен и позитивен впечаток кон граѓаните на оваа Држава, без разлика на нивната возраст и припадност.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Бојана Тасевска: Да.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Бојана Тасевска: За жал, кај нас повеќе работи одат во надолна линија и според мене ситуацијата станува повеќе од алармантна. Во моментот сме држава со речиси најлош рејтинг во областа на здравствениот и образованиот систем, која катастрофално се справува со проблемите во тие сектори до степен да тие, наместо да бидат најприоритетни, доведени се до ниво на најмала важност. Со ваквиот пристап кон овие два, но секако и кон другите фундаментални сектори, навистина е нејасно што ние би можеле да очекуваме од едно општество чии темели или фундаменти не се правилно конструирани. Затоа сметам, дека приоритетно и пресудно за било кој политички фактор, е целосно реформирање на здравствениот и образовниот систем. Државните установи треба да станат пример за приватните, а не обратно, бидејќи секој граѓанин заслужува ист третман, иста грижа и услови, а посебно во сферата на здравството, образованието и јавниот сервис воопшто.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Бојана Тасевска: Ќе се надоврзам на претходниот одговор и повторно потребите од промени ќе ги фокусирам кон здравството и образованието. Како студент и иден здравствен работник, најмногу ме засега ова прашање. Моменталната состојба во двата сектори е разочарувачка за целата популација, а посебно за младите, кои во овој момент и по секоја цена, својата иднина ја гледаат надвор од државата. Оттука, наша цел и приоритет како млади и амбициозни луѓе, треба да биде создавање на доволни услови и мотивација да останеме тука и својот потенцијал и знаење да ги вложиме во ова наше општество и оваа наша Држава. Секако, водена од девизата колку даваш, толку и добиваш, сметам дека Македонија треба да вложува во развојот на во младите умови, за да се мотивираат да останат тука и своите квалитети да ги искористат за понатамошно, континуирано подобрување на општата благосостојба во земјата. Потребно е да се стремиме напред, а не да тапкаме во место или уште полошо, да се враќаме назад.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Бојана Тасевска: Првенствено како личност која нема никаква политичка заднина, Македонски Концепт е првата иницијатива која со своите искрени и уверливи ставови како и цврсти идејни решенија, ја доби мојата доверба и ја разви желбата за моето приклучување кон неа. Оттука, произлезе и клучниот фактор, а кој е шансата која оваа опција ја дава на младите како мене, да можат да ги искажат своите ставови, идеологии и гледишта во насока на активностите за подобрување на сите состојби во државата.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Бојана Тасевска: На располагање ги ставам сите свои квалитети, знаења, и пред сѐ мотивот и желбата за да придонесам кон темелни промени на долгорочен план. Кон тоа ги додавам и личната посветеност, одговорност и активизам во насока на ширење на идејата и приклучување на што повеќе млади луѓе кон Македонски концепт, а во насока на подобра заедничка иднина.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Бојана Тасевска: За суштински реформи во здравствениот и образовниот сектор! За искоренување на корупцијата и неправдата! За прекин на ланецот на злоупотреби на институциите на системот во лична и политичка корист! На се ова треба да се каже едно големо СТОП. Тоа се нашите цели и идеали, за кои се бориме и целосно се вложуваме. Ние не треба да се водиме по филозофијата дека “Најсилните ќе преживеат “! Наместо тоа, треба да бидеме убедени, дека секој човек се раѓа со еднакви права и слободи, и како таков треба и да живее.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Бојана Тасевска: Проектите се најбитниот инструмент кој ќе донесе реформа и обнова. Преку проектите можеме јасно да ги видиме залагањата на поединците или тимовите, и секако, да го следиме исполнувањето на целите. Проектите на Македонски Концепт се движечка сила преку која се воведуваат новитети и ќе се решаваат суштинските проблеми. Преку проектите ќе дојдеме до примена на теоријата во пракса, и до реална можност и шанса за реализирање идеи во готов производ.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Бојана Тасевска: Македонија за 5 години ја замислувам како дел од Европската Унија, каде ќе ги ужива истите права како и сите нејзини останати членки. Ја гледам како земја со значително подобрен здравствен и образовен систем, како земја со темелно променета политичка сцена, како земја во која младите ќе тежнеат да останат, а не да си одат.




*превземено од politika.com.mk

Роберт Груески: Повторното стекнување на фундаменталната доверба на граѓаните во институциите на системот е еден од главните приоритети на политичкиот фактор во Македонија



Интервју со Роберт Груески – Македонски Концепт – кандидат на листа на пратеници за ИЕ4



Роберт Груески завршил училишен центар за железнички и ПТТ сообраќај во 1988 година. Неговиот професионален ангажман започнува во Македонски пошти каде од 1988 до 2017 работи на повеќе позиции, и тоа како: телефонист, телеграфист, шалтерски работник, водител на пошта во поштенски подружници во Прилеп, контролор во поштата во Прилеп. Освен формалното, во својата професионална кариера, се стекнува си со значајно неформално образование, од кое ги издвојува: Обуката на лидери – како дел од искуството на прв синдикалец во Македонска пошта – Прилеп, обуките за ИКТ вештини и сл. Во слободно време, активно се занимава со спорт, и тоа од 1990 година, со параглајдерство, змајарство, скијање и пливање. Истовремено, голем дел од својот активизам кон доброто на заедницата го посветува на поддршка и учества во еколошки акции за зачувување на животната средина.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски концепт?

Роберт Груески: Македонски концепт е пред сѐ граѓански концепт, во кој ги препознав заедничките ставови и заложби за изградба на нова и подобра сегашност, која позитивно ќе се рефлектира во сите сфери на нашето живеење.

ПОЛИТИКА: Дали е ова ваш прв политички ангажман?

Роберт Груески: Од 1993 година сум неажуриран член на ВМРО-ДПМНЕ, без никакви партиски функции.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Роберт Груески: Силна и функционална држава со независно судство, стабилен економски развој, значајни капитални инвестиции и подобрување на услугите во здравството и социјалната политика воопшто.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Роберт Груески: Повторно стекнување на фундаменталната доверба на граѓаните во институциите на системот, којашто ќе произлезе само како резултат на спроведени суштински реформи во секој национален ресор и секако, преку безрезервно справување и борба со криминалот и корупцијата.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди Македонски концепт за Вас има најголемо влијание како граѓанин на РМ?

Роберт Груески: Концепт каде секој граѓанин може да се пронајде себе си, и развива врз основа на сопственото знаење и искуство. Европски ориентиран концепт кој е заснован на слободното движење на луѓе, капитал, услуги и знаење.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски концепт?

Роберт Груески: Како долгогодишен работник во Македонски пошти со искуството стекнато на повеќе позиции, би се заложил за генерирање и примена на нови и иновативни идеи, чија што цел ќе биде напредокот на сите организациски и инфраструктурни системи во сферата на сообраќајот, а посебно на поштенскиот, телекомуникацискиот, копнениот, а посебно железничкиот, кој за жал денес, доживува руинираност и колапс, и тоа во време кога таа категорија е една од најразвиените инфраструктурни компоненти во Европа и светот. Поконкретно, ќе настојувам, освен возобновување на постојниот железнички коридор „север – југ“, да се реализираат капитални инвестиции за изградба и ставање во функција на железничкиот коридор „исток – запад“, со чија функционалност, нашата земја би реализирала значаен развој на внатрешната сообраќајна инфраструктура, и секако, би ги подобрила сообраќајните врски со соседните земји во регионот.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Роберт Груески: Да се следат примерите и добрите практики на европските земји со кои сакаме да ја делиме европската иднина, а тоа е вложување во вистиски вредности, како независно судство, стабилен економски развој, реализација на капитални инвестиции, подобрување на услугите во здравството и социјалната политика, како и стратешки инвестиции во поддршка и развој на земјоделието.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Роберт Груески: Со нови проекти можеме да ја промениме иднината на нашата држава. Стратешки насочени проекти и нивна реализација ќе овозможат спроведување и на квалитетни образовни процеси, кои ќе образуваат и искуствено ќе изградат квалификувани кадри чии вештини и практични знаења подоцна ќе се насочат кон развојните потреби на стопанскиот сектор. Само со специфични и докажани проекти во секторот на социјалната политика наменети за ранливите категории на граѓани, ќе овозможат нивно вклучување во системот, нивно вработување, осамостојување и воопшто, подобрување на квалитетот на нивниот живот.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега?

Роберт Груески: Држава – членка на ЕУ, каде секој граѓанин ќе успее да се пронајде и да вложи во сопствениот развој и благосостојба и каде ќе може да ги реализира своите креативни идеи на професионален и приватен план. Со тоа, земјата ќе има услови за прогрес, општа благосостојба и подобра иднина воопшто.




*превземено од politika.com.mk

Милиќ Прашчевиќ: Главни приоритети се целосни реформи во економијата, образованието, здравството, судството и администрацијата



Интервју со Милиќ Прашчевиќ, кандидат на листата на пратеници за ИЕ 1



Милиќ Прашчевиќ е дипломиран правник на правниот факултет Јустинијан Први на насоката по граѓанско право. Професионалната кариера ја започнува како волонтер во државното правобранителство, како и како соработник во неколку адвокатски канцеларии. Од 2011 година работел во локалната самоуправа во Општина Центар во секторот за урбанизам, потоа како советник за управување со човечки ресурси, а од 2014 година работел во второстепената комисија за жалби од областа на пензиското и инвалидското осигурување. Последниве четири години работи како советник во комисијата во секторот за инспекциски надзор и прекршочната постапка од втор степен.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Милиќ Прашчевиќ: Tука пред се ја гледам можноста конечно нешто да се промени на подобро во државата. Доста им е на граѓаните од едни исти истрошени политичари кои државата ја гледаат како инструмент за остварување на своите лични интереси и лично богатење. Имено Македонски Концепт нуди проекти во својата програма кои навистина се реални, конкретни и остварливи. Јас лично сметам дека доколку се биде упорен и истраен во нешто и да се стремиме кон одредена цел за да ги промени ме нештата на подобро, тогаш ништо не е невозможно и успехот е извесен.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Милиќ Прашчевиќ: Досега сум немал некој посериозен политички ангажаман, сум се обидел да бидам активен во некоја од политичките партии, меѓутоа не ми се допаѓаше начинот на функционирање на истата, особено за време на изборен циклус, ниту пак ми се допаѓаа внатрепартиските односи.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Милиќ Прашчевиќ: Според мене пресудно за подобра иднина на државата е пред се да се подобри животниот стандард на граѓаните за да можат да имаат поквалитетен живот, да се оддели судската од извршната власт односно органите на власт да немаат никакво влијание во донесувањето на одлуки во судовите, беспрекорното фунцкионирање на јавната администрација и целосна департизација на истата. Имено административните службеници да се вработуваат поради своите квалитети, лични способности и степенот на образование, а не поради партиски заслуги.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Милиќ Прашчевиќ: Според мене главни приоритети се целосни реформи во економијата, образованието, здравството, судството и администрацијата. Тоа подразбира стабилна економија која ќе им даде поддршка на сите граѓани кои ќе сакаат да отпочнат свој бизнис, да помага во развојот на малите и средните претпијатија, банките да ги намалат каматните стапки на кредитите, потоа квалитетно образование кое ќе произведува квалитетни кадри, кои пак веднаш по завршувањето на образованието,ќе се вработуваат на соодветно работно место според нивните стручни квалификации, а не според нивните лични контакти и партискиот ангажман, бесплатно и квалитетно здравство,со набавка на сите потребни медициски апарати за успешно лекување, а доколку за некој пациент се утврди дека не постои можности за лекување во државата веднаш да се прати на лекување во странство, со скратување на сите формалноста, а трошокот за болничкото лекување целосно да го покрие државата, независно судство односно целосна одделеност на извршната и законодавната власт од судската власт и на крај професионала администрација, каде што граѓаните ќе можат на брз, лесен и едноставен начин да си ги остваруваат своите права.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Милиќ Прашчевиќ: Фер општество, секој да си го добие тоа што го заслужува. Чесните и вредни граѓани да имаат нормален и пристоен живот, со доволно длабок џеб за да можат достоинтвено да живеат, а криминалците и апашите зад решетки. И правдата да биде еднаква за сите и да важи за сите подеднакво.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Милиќ Прашчевиќ: Сиот мој личен капацитет, знаење, професионално искуство ќе го ставам на располагање во правец на подобрување на состојбите во државата и подобро место за живеење.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Милиќ Прашчевиќ: За правна држава, фер општество како што споменав погоре, за искоренување на корупцијата колку што е можно и залагање за целосна демократизација и европеизација на нашето општество.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Милиќ Прашчевиќ: Проектите се наједноставно решение за конкретни проблеми на граѓани. Само со реални, конкретни, изводливи и добро смислени проекти можеме да одиме напред и побргу да го отвориме патот за влез во ЕУ.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Милиќ Прашчевиќ: Како праведна и нормална држава, каде секој ќе го добие тоа што ќе си го заслужи, а граѓаните ќе имаат нормален стандард и ќе можат да си обезбедат нормален и достоинствен живот за себе и своите најблиски.




*превземено од politika.com.mk

Д-р Дамир Милан Тепшиќ: Целосна реорганизација и темелни реформи во секој сегмент од општеството се приоритетите на политичкиот фактор, а во насока на подобра иднина за секој граѓанин на Македонија



Д-р Дамир Милан Тепшиќ, кандидат за листа на пратеници за ИЕ 1



Д-р Дамир Милан Тепшиќ е роден 1971 година. Тој е оженет и е татко на 3 деца. Бил еден од најуспешните студенти по медицина на Медицинскиот Универзитет во Софија во неговата генерација. Работи во с. Самоков, Македонски Брод, во Приватната Здравствена Установа „Д-р Тепшиќ Медика“ – амбуланта по општа медицина, која со своите медицински услуги ја покрива територијата на Самоков и други околни 24 населени места кои гравитираат кон локацијата на здравствената установа. Покрај ангажманот како доктор специјалист во семејната ПЗУ, Д-р Тепшиќ е повремено, и според потребите, ангажиран и во Здравствениот Дом во Македонски Брод во одделот за Брза Помош.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Д-р Дамир Милан Тепшиќ: Лично да придонесам кон креирање на подобра иднина за Македонија и македонскиот народ и сите други кои тука живеат. Да се спречи понатамошното упропастување на младината, економијата и сите други делови од општеството кои што настрадаа од “големите реформи” кои во ниеден аспект не ја придвижија земјата напред.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Д-р Дамир Милан Тепшиќ : Не. Ова е мој втор политички ангажман.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата? Д-р Дамир Милан Тепшиќ: Целосна реорганизација и темелни реформи во секој сегмент од општеството во Република Македонија, и со тоа, стопроцентна борба против криминалот и владеењето на општото беззаконие, превенција на иселувањето на народот, а посебно младите, и секако, прогресија на економскиот развој на секој граѓанин, а не само на одредени групации и компании блиски до владејачките структури.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија? Д-р Дамир Милан Тепшиќ: Борба со хаосот во судскиот систем, а од тука, и реформи во сите други државни ресори. Безрезервна посветеност кон активности насочени кон владењеето на правото и правдата, а со тоа и на законите, подеднакво за секој граѓанин на Република Македонија.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Д-р Дамир Милан Тепшиќ: Борбата со криминалот и концептот за различно дејствување, насочено строго кон интересите на државата и народот. Различноста од она што досега го гледавме на политичката сцена во Македонија скоро 30 години.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Д-р Дамир Милан Тепшиќ: Со максимален личен ангажман и посветеност кон работата и зацртаните цели, а во насока на стратешки важните и неопходни интереси на државата и народот.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Д-р Дамир Милан Тепшиќ: За целосно почитување на законите и правната држава, и со тоа, работење во интерес на сите граѓани кои што живеат во Република Македонија.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Д-р Дамир Милан Тепшиќ: Затоа што специфичните проекти овозможуваат да се остварат зацртаните цели за подобра иднина, и затоа што само преку проекти можеме да оствариме максимална ангажираност на политичкиот фактор во насока на нивната реализација која пред сѐ ќе биде насочена кон сите граѓани на Република Македонија.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Д-р Дамир Милан Тепшиќ: Држава во која што ќе функционираат законите и правниот систем за секој еден граѓанин, независно од неговото место, позиција или функција. Држава која ќе се одликува со повисок економски стандард и подобра економија. Држава во која ќе настапи праведно распределување на средствата и капиталот. Држава во која ќе се работи на спречување на трендот на иселување на населението преку обезбедување на услови и подобрена благосостојба и можности за младите. Со тоа, ќе се стимулира подобрување на катастрофалниот тренд на наталитетот и демографската криза. Држава која ќе има развиена стратегија со посебен осврт кон здравството, образованието и кон лицата со посебни потреби. Накратко кажано, нормална држава со подобар живот за сите нејзини граѓани.




*превземено од politika.com.mk

д-р Марија Илиева: Треба градење на современи Државни Старачки Домови каде нашите родители, баби и дедовци ќе ги добиваат сите медицински услуги на највисоко ниво



Интервју со д-р Марија Илиева, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 4



Д-р Марија Илиева, лекар по општа медицина. Образованието го завршува во М.У.Плевен, соседна Р.Бугарија . Своите работни обврски ги извршувала како матичен лекар пет години а веќе две години како лекар во Итната Медицинска Помош и домашно лекување при ЈЗУ Здравствен дом Струмица . Во овој момент е началник на ИМП и Домашно лекување.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

д-р Марија Илиева: И јас како и другите граѓани на нашата татковина сум сведок на транзицијата, која имаше за цел преод од тоталитарен и комунистички режим во една нормална европска и демократска држава . Но како што гледаме истата трае 30 години и никако да видиме видливи резултати од неа. Сите се сеќаваме со каков мотив, желба и очекувања, ние граѓаните влеговме во тој процес по осамостојувањето на нашата држава. Влеговме затоа што во демократијата и плурализмот видовме шанса дека за прв пат ние граѓаните ќе сме основните чинители и двигатели на процесите во нашата држава. Но со текот на годините ни се случи партократија и единствено што ни останува на нас обичните граѓани е само да избираме меѓу субјекти во една проектирана политичка сцена, чии главни актери и финансиери се повторно лица кои по еден или друг начин се сврзани со минатиот систем, кој сакаме да го оставиме зад нас. Веќе 30 години слушаме ветувања за вистинска трансформација на нашето општество, но од нив ние ништо ниту видовме ниту почувствувавме. И така тој првичен мотив, желба и очекувања се претворија во крајно разочарување.

Нормална држава значи нормално функционирање на институциите, независно судство и медиуми, се во интерес на граѓаните. Но сведоци сме дека оваа трансформација на општеството не се води од таа цел. Мотивот со кој партиите влегуваат во овој процес е да ги потчинат под свое институциите, судството и медиумите за нивни партиски и лични интереси, а не тие да бидат слободни и да даваат еднаква шанса на сите граѓани. И така место реформирање, де факто ние гледаме деформирање на нашето општество. Од нас самите зависи дали ќе сме само набљудувачи, а со тоа и поддржувачи на сето тоа, или ќе преземеме нешто конкретно. Јас сум повеќе од убедена дека веќе е доста од ликовите кои 30 години се менуваат на политичката сцена, а ништо значително не се сменува на подобро. На Македонија и се потребни нови свежи сили, идеи и ликови кои во политиката нема да влезат од личен интерес, туку вградувајќи ја својата професионалност да решаваат проблеми и изградат нормална држава за идните генерации. Држава со нормални вредности , функционално судство, здравство, образование, земјоделство и др. Држава во која сите ние независно од нашата верска и национална припадност подеднакво ќе ја чувствуваме наша. Држава која ќе ги препознае личните и професионални квалитети на секоја единка и да го искористи нивниот потенцијал. Тоа се причините МАКЕДОНСКИ КОНЦЕПТ да биде МОЈОТ ИЗБОР. Затоа што е граѓански, затоа што повторно на нас граѓаните ни дава надеж и можност да си ја вратиме државата во наши раце. Од нас зависи дали ќе бидеме набљудувачи и поддржувачи на проектираната политичка сцена, или со нашето директно вклучување ќе им ја загрозиме и нарушиме таа идила.

ПОЛИТИКА:Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

д-р Марија Илиева: Оваа е мојот прв политички ангажман.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

д-р Марија Илиева: Во последниве години забележуваме енормна миграција на населението особено на млади висококвалификувани лица во држави членки на Европската унија. Сето тоа се случува затоа што не гледаат никаква надеж за реализација на личен и професионален план во блиска иднина во нашата татковина. Намалување на стапката на невработеност, покачување на стандардот и обезбедување на нормални услови за работа ,подобрување на квалитетот на образованието се клучни фактори за успешна држава. Државни мерки со кои ќе се намалат привилегиите на политичарите до минимум. Брзо и навремено спроведување на предлогот на нашата граѓанска иницијатива за Политичари волонтери. Брзо реформирање на судството, кое само на хартија е независно, а во пракса партизирано и под контрола на олигарсите. Мојот личен ангажман во најголем дел ќе биде во здравството. Како лекар секојдневно се среќавам со напуштени стари лица и затоа ќе се залагам за градење на современи Државни Старачки Домови каде нашите родители, баби и дедовци ќе ги добиваат сите медицински услуги навремено и на највисоко ниво.

ПОЛИТИКА:Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

д-р Марија Илиева: Има многу нешта кои треба да се направат. На надворешен план да се потрудиме колку е можно побргу да добиеме датум за отпочнување на преговори со ЕУ со што ќе имаме достап до евро фондовите за побрз развој на нашата држава на сите полиња. Намалување до минимум на корупцијата во сите области и сегменти во државата особено во судството кое иако најплатено е на врвот на корупцијата. Решавање на сите предмети за денационализација во Државата. Модернизирање на училиштата, универзитетите и подобрување на образованието. Модернизирање и опремување на сите Јавни Здравствени Организации, но клучно е ангажирањето на младите и нивна мотивација за да ги задржиме да работат и живеат во нашата држава.

ПОЛИТИКА:Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

д-р Марија Илиева: Она што ме привлече е граѓанскиот концепт, кој е отворен за млади, мотивирани и професионално реализирани личности. Привлечен за сите граѓани независно од нивната етничка и религиозна припадност. Влегувајќи и подржувајќи го сите ние се обединуваме околу една цел, градење на една модерна, демократска и економски просперитетна држава. Држава во која клучни ќе се личните и професионални квалитети, а не партискиот и етнички клуч. На тој начин МАКЕДОНСКИ КОНЦЕПТ успешно ќе се пребори не само со партократијата, но и со етнократијата кое води до издигање на неквалитетни политичари и поделби во општеството по етничка основа.

ПОЛИТИКА:Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

д-р Марија Илиева: Во целост ги подржувам предложените проекти на МАКЕДОНСКИ КОНЦЕПТ во делот што се однесуваат на реформа на администрацијата, судството, борба со корупцијата, економскиот раст. Лично ќе дадам свој придонес во нивно спроведување и квалитативно подобрување. Но и за дезидеологизација и објективизација на историјата. Ни преостанува на самите нас да расчистиме со идеологемите и претставите кои ни се наметнати низ годините. Само така ќе бидеме не само физички , но и духовно независна држава, која својата политика ќе ја води од сопствените интереси. Ќе се ослободиме од чувството на вечни губитници, реално ќе ги осознаваме процесите околу нас и ќе играме на победа. Нашето членство во НАТО е огромна победа за нашата држава. Но она што е најважно, спречени се обидите на претходната влада да бидеме внесени во туѓи сценарија со можен катастрофален резултат по нашата државност.

ПОЛИТИКА:За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

д-р Марија Илиева: Ќе дадам се од себе во безкомпромисна борба со корупцијата. Како лекар ќе се борам за подобрување и модернизирање на условите за работа на лекарите и целиот медицински персонал, модернизација и подобрување на здравствените услуги за пациентите. Ќе се борам и залагам за постојана едукација и усовршување на колегите и техничкиот персонал. Најмногу од се ќе се залагам за отварање на Државни Старачки домови и Геријатриски центри во кој услугите на пациентите ќе бидат на највисоко ниво, секаков тип на рехабилитација според потребите на пациентите и со стручен кадар од специјалисти, општи лекари, техничари и лични асистенти за оние на кој им се потребни.

Најмногу ќе се залагам за подигање на стандардот на луѓето, за да ги задржиме младите во Р.С.Македонија затоа што тие се иднината на Македонија и ќе се залагам за рамноправност на сите граѓани.

ПОЛИТИКА:Зошто проекти?

д-р Марија Илиева: Затоа што преку реализација на проектите и според нивната успешност ќе докажеме дека Македонски Концепт може и има потенцијал да ја води државата и дека има иднина за нашата татковина. Само така со успешни проекти ќе може да ја оправдаме довербата која ни ја дал народот.

ПОЛИТИКА:Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

д-р Марија Илиева: На чекор до европското семејство, атрактивна за младите и успешните граѓани, со повисок стандард за сите нас, задоволни, спокојни граѓани и насмеани и спокојни стари лица.




*превземено од politika.com.mk

Перо Дејкоски: Очекував дека конечно некоја власт ќе собере сили за да го укине фамозниот закон за легализација на дивоградби



Интервју со Перо Дејкоски, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 5



Перо Дејкоски е дипломиран инженер архитект на УКИМ во Скопје. Во своето работно искуство од повеќе од 21 година, работел во сферата на образованието, во приватниот сектор како инженер проектант, одреден период и како сопственик на фирма, вработен бил и во ЈПССДП на РМ-ПЕ Струга а последните 12 години работи во Царинската управа во Секторот за административни и технички работи на позицијата шеф на службата за управување со гранични премини за подрачјето на царинарница Битола. Во текот на своето работно искуство учествувал во проектирање и реализација на поголем број на проекти во нашата држава и странство.

Личен мотив

Перо Дејкоски: Идејата на Македонски концепт за структурална промена на нашата држава преку воведувањето на професионализмот во сите нејзини сегменти.Со еден збор здравството на здравствените работници, образованието на наставно научните установи, земјоделството на земјоделците и сл. Едноставно треба да престане праксата каде премиерот врши надзор над градежни работи, каде правникот образлага за оперативни зафати во медицината, каде тајкунот се занимава со лозарство, каде во секое поголемо градско маало постои факултет и сл.

ПОЛИТИКА: Политички ангажман

Перо Дејкоски: Во периодот од Февруари 2007 година па се до Септември 2008 година ја извршував функцијата Директор во ЈПССДП на РМ-ПЕ Струга. По носењето на измените и дополнувањата на Законот за Царинска управа со спогодба бидам префрлен во овој државен орган каде што работам до ден денес.

Исто така сум извршувал и партиски функции во мојата матична партија ВМРО ДПМНЕ-ОК Струга. Од средината на 2014 година па навака не сум активен во мојата матична партија.

ПОЛИТИКА: Што е пресудно за подобра иднина на државата

Перо Дејкоски: Изминативе 10-12 години а може да се каже и повеќе, жителите на нашата држава беа сведоци (повеќето неми а малкумина гласни) на едно дивеење од страна на политичките елити и урбаната мафија со градскиот простор и просторот воопшто. Оваа појава беше и сеуште е присутна посебно во општините со поквалитетни и поатрактивни локации, тука мислам на градовите Скопје, Охрид, Струга, Тетово и други, при што на крајно непрофесионален начин се уредуваше тоа земјиште, тие урбани единици односно градовите како целина. Од овој аспект можат да се набројат многу примери но како покарактеристични би ги издвоил мегаломанскиот проект Скопје 2014, уредувањето на плажите во Охрид и Струга, фамозниот проект Субрата Рој со кој што се сакаше тотално да се уништи Охридското езеро, примената на ЛУПД-локалната урбанистичка планска документација во градски средини покриени со детален урбанистички план, уништување на подрачја кои се под заштита на културното наследство и сл. Урбаното зонирање како елемент во урбанизмот тотално се запоставува и во секој момент се врши негова пренамена или му се даваат повеќе намени од тоа што претставува вистинска потреба. Ваквата пренамена на просторот е присутна како појава поради желбите на политичарите за нивно побрзо докажување и можноста да бидат постојано во јавноста, да бидат присутни на секој настан, на секој медиум и трката на инвеститорите за многу брз и голем профит. На овој начин потполно се уништија градските средини при што истите го загубија својот препознатлив градски имиџ.

Последниве 3 години од промената на власта а врз основа на сите нивни протести и “заложби” очекував дека конечно (барем дел од нив) ќе соберат сили за да го укинат фамозниот закон за легализација на дивоградби (барем за градските средини), еден термин кој што претставува тотална непозната за државите кон кои што и ние се стремиме да се движиме. Наместо да го направат тоа тие продолжија со претходната пракса и го продолжија рокот за легализација на истите оставајќи им простор на локалните градски шерифи и урбани мафијаши да прават што сакаат и како ќе им се посака.

Затоа ќе се залагам за примена и практицирањето на професионализмот во сите сфери од општествениот живот. Конкретно,во сферата на урбанизмот,просторното планирање и градбата треба да се носат адекватни закони и правилници за потребите на фелата, нивното носење или изготвување треба да се направи преку вклучување на сите релевантни субјекти од државава, пред се тука мислам на Архитектонскиот и градежниот факултет при УКИМ, Институтот за земјотресно инженерство, Комората на овластени инженери и архитекти, Асоцијацијата на архитекти, Агенцијата за планирање на просторот, електро-техничкиот и машинскиот факултет при УКИМ како и приватните компании-фирми кои вистински сакаат да се занимаваат со овие дејности.

За грижата околу уредувањето на просторот ќе се залагам повторно да се оформат партиципативните тела или комисии, комитети како сакате можеме да ги наречеме, од оваа област во секоја општина поединечно кои што заедно со агенцијата за планирање на просторот од професионален аспект доследно ќе си ја вршат својата работа со вистинска примена на законите, подзаконските акти и нивното знаење пред и се и во овој контекст треба да се спомнат и граѓаните кои се исто така чинители на просторот. На ваков начин нема да имаме појава каде советниците во општинските администрации се тие кои одлучуваат за носење на деталните урбанистички планови, ќе ја избегнеме појавата за нарачка на шамари, нема да имаме можност за изградба на бетонски парапетчиња околу целото Охридско езеро, едноставно пред нивното носење советниците би имале една чиста ситуација каде ќе бидат принудени и законски чисти да дадат зелено светло за истите бидејќи во фазата на нивната изработка истите поминале низ еден професионален филтер.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти

Перо Дејкоски: Пред да се одговори на прашањето зошто проекти треба секоја политичка влада, инвеститор, здружение на граѓани и други да си го постават прашањето што е тоа проект?

Секој проект во било која сфера од општествениот живот треба да се состои од неколку фази-чекори пред истиот да стане реалност. Прв чекор претставува идејата за одреден проект и со неа ги поставувате основите за крајна реализација на истиот, втор чекор на одреден проект претставува процесот на проектирање,документирање и сл., третиот чекор претставува финалниот производ и како финален чекор треба да ја спомнеме експлоатацијата на финалниот производ. Кај органите од државната власт помеѓу вториот и третиот чекор сме обврзани да направиме и еден дополнителен или меѓу чекор кој што се вика јавна набавка.

На секоја фаза-чекор од одреден проект треба да и се даде доволно време при нејзиното изготвување и спроведување. Овде пред и се мислам на втората фаза од одреден проект, фаза која што е од круцијално значење за крајната реализација на истиот. Во многу случаи на оваа фаза воопшто не и се дава значење од било кој аспект. Непосветувајќи внимание на втората фаза од проектот секогаш во пракса добиваме неквалитетен готов производ и понатака експлоатација. Карактеристичен пример за оваa појава претставува изградбата на автопатот Охрид-Кичево.

Затоа ДА за проектите, мора да ги има, тие значат и брз економски развој и бенефит за сите граѓани на нашата држава но на истите мора да им се даде адекватен простор и време и треба да бидат изработени од вистински-искусни професионалци за да не се појават проблеми при нивната реализација низ целиот процес. Политиката тука не треба да се меша, да поставува свои услови и сл.,едноставно нејзината улога треба да се сведе само на одредено менаџирање со процесот.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Перо Дејкоски: За сузбивање на мафијашкото водење на државата, во сите нејзини општествени пори. При процесот на изградба на објектите од државен интерес ќе се залагам за носење на адекватен закон за јавни набавки, закон во кој прецизно ќе бидат наведени критериумите за изведба на истите. За имплементацијата на овој закон ќе треба да се направат професионални комисии на кои приоритетна задача ќе им биде спроведување на ваквите специфични јавни набавки. Преку носење на подзаконски акти, правилници, стандарди за оваа област кои ќе можат во секој момент да бидат на увид одредени нормативни показатели и кои ќе претставуваат репер при процесот на одлука.

Едноставно треба да престане праксата каде што цената за изведба или понудата ќе биде вреднувана со 60% учество при критериумот за избор за најдобар понудувач а притоа да ги занемаруваме поединечните цени од ваквата понуда.




*превземено од politika.com.mk

Сузана Вурмеска: Ангажирање на младите образовани кадри да го понесат товарот на општествениот развој и напредок, потребна е борбата против корупцијата и криминалот во земјата и реформа во банкарскиот сектор



Интервју со Сузана Вурмеска, кандидат на листа за пратеници за ИЕ 4.



Сузана Вурмеска, дипломиран фармацевт-специјалист по фитотерапија. Вработена во Здравствен дом Прилеп, член на Секцијата на болнички фармацевти при Фармацевтската комора, член на Фармацевтското друштво со константен интерес за полињата на хомеопатијата, дијабетологијата и апитерапијата.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Сузана Вурмеска: Мојот личен мотив да се приклучам кон оваа граѓанска иницијатива е да се изгради подобра иднина за нашата држава. Да се извлече креативниот потенцијал и знаење од младите и да останат да го вградат во општествениот живот овде во својата татковина, а не да ги напуштаат своите семејства и егзистенцијата да ја бараат во странство. Да живеме во Европска држава во која ќе функционира многу подобро здравството, образованието, правниот систем и економијата и ке се стави посебен акцент на екологијата.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Сузана Вурмеска: Не

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Сузана Вурмеска: Справување со аномалиите во сите пори од општествениот живот, сузбивање на митото и корупцијата посебно во судството. Сликата за подобро утре да ја изгради младиот професионален кадар кој ке биде свежа крв во домашните компании, во здравството, во образованието а не како што е случај сега нашите доктори и други професионалци да работат во странство. Постојано подобрување на здравствениот систем кадровски, техничка опременост, квалиттени здравствени услуги и постојана едукација и усовршување на медицинскиот кадар. Департизација на државните институции и законите да важат еднакво за сите.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Сузана Вурмеска: Приоритетите има повеќе што треба да се превземат на внатрешен и надворешен план.Нa надворешен план е европската интеграција, подобрување на меѓусоседските односи на нашата држава, користење на пристапните фондови од Европската унија и др. На внатрешен план побрзо излегување од кризата со вирусот KOVID-19, да се превземат брзи и ефективни мерки за надминување на економската криза, реформски процеси за стабилност и развој на правосудството, образованието, здравството. Да се искористат потенцијалите , иновативноста ентузијазмот, едуцираноста на младиот кадар од земјата во развој на сите сфери од производството и општествениот живот.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Сузана Вурмеска: Ангажирање на младите образовани кадри да го понесат товарот на општествениот развој и напредок. Борбата против корупцијата и криминалот во земјата, реформа во банкарскиот сектор.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Сузана Вурмеска: Со личен професионален ангажман и соработка со други луѓе за постигнување на целите да се дојде до позитивна промени. Давање на идеи и предлози за подобро здравство за квалитетни здравствени услуги достапни за сите граѓани на државата.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Сузана Вурмеска: Да се создадат можности младите да останат тука да работат, да вложат во свои фирми во својата држава и конечно да се створат услови за пристоен живот овде на младите генерации а за тие кои си заминаа да се создадат услови да се вратат. Даа ја вратиме вербата во политичарите, да се направат реформи во економијата и политиката кои ке го подобрат животот на граѓаните.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Сузана Вурмеска: Проекти зашто преку нив идејата станува стварност. Со програмите видовме колку многу пропусти има и ветени работи а неостварени. Проектите се јасни и резултатот е видлив и секој што е заинтересиран може да има увид колку и што е сработено. Може да ги финансираат различни субјект: државата, пристапни грантови од ЕУ и др. и стручни лица и тимови ќе решаваат проблеми и ќе се прават реформи на разалични сфери на општествениот живот.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Сузана Вурмеска: Чекор до европското семејство, горда држава без мито и корупција, функционални институции, добар стандард на граѓаните, реформирано здравство, судство и образование по европски стандарди, работа и можности за напредок и стручно усовршување на младите, земја со стабилна внатрешна и надворешна политика и со задоволни граѓани од животот во неа.




*превземено од politika.com.mk

Владимир Чубриноски: Успехот во спортот воопшто, е најдобриот начин да се промовира и популаризира една нација во домашни и светски рамки



Владимир Чубриноски – Македонски Концепт – Кандидат за листа на пратеници за ИЕ 2



Владимир Чубриноски е роден во 1983 година. Од најрани години започнува да се занимава со тенис, каде постигнува значајни спортски резултати на национално ниво како повеќекратен државен првак на Република Македонија.

Неговата кариера ја продолжува во Велика Британија, во улогата на национален тренер, каде за период од 7 години ги тренира членовите на јуниорските селекции за настапите на тениските натпревари и турнири од 1-ва категорија, како и гренд слемови. Својата меѓународна тренерска кариера ја збогатува и преку остварување на тесна професионална соработка со руската и австралиската тениска федерација, водејќи и развивајќи истакнати тенисери на овие две земји. Во неговите успеси се вбројува и соработката со една од најголемите спортска менаџмент куќи во светот – „IMG“, за чии потреби води и развива професионални тенисери. Од 2012 па сѐ до денес, Владимир професионални ја извршува функцијата на главен тренер на натпреварувачката програма во тенискиот клуб MTP, и истовремено работи и како приватен тренер на различни нивоа на професионални тенисери и рекреативци. Основач е на првата меѓународна тениска Академија во Македонија во 2008 година, Марковски и Чубриноски, подоцна истата се проширува и во Белград во 2012 година.


ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Владимир Чубриноски: Идеологијата која постои зад оваа граѓанска платформа. Тоа е мојот мотив. Од падот на ВМРО ДПМНЕ во 2002 година, лично сметам дека на политичката сцена во оваа држава, ниту една друга политичка партија не настапи со програма изградена на основа на цврста идеологија. Токму Македонски Концепт и неговиот промотор Петар Богојески, успева да претстави и промовира една иновативна и различна идеологија базирана на граѓански принципи, чесност, транспарентност, и пред сѐ храброст и подготвеност да се спротивстави на владејачките политички структури, па дури и на претходниот режим и систем на владеење на ДМПНЕ. Тој пристап лично ме фасцинираше и ме мотивираше да се приклучам кон оваа политичка платформа.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Владимир Чубриноски: Не, до 2006 година бев член на вмро народна и претседател на комисијата за спорт и млади во партијата. Од 2006 година, сум пасивен член на ВМРО ДМПНЕ, но ниту еднаш нивни подржувач.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Владимир Чубриноски: Пресуден фактор кон подобра иднина на една држава се младите луѓе. Затоа сметам дека е главен приоритет во идеологијата и развојната стратегија на Македонија, треба да бидат младите, нивниот развој, образование и мотивација да останат тука. Оваа определба треба да биде наша единствена цел, која доколку се исполни, несомнено ќе створи доволен потенцијал и квалитет со кој ние и нашите поколенија, ќе можеме да се приближиме до стандардите на развиените Европски земји. Моменталните состојби кај нас во секоја пора на образовниот систем, спортот и социјалните навики, нѐ претвораат во нација на пороци и бесцелни неработници. Овие состојби мора веднаш да се променат!

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Владимир Чубриноски: Како што веќе напоменав, мора да бидеме фокусирани на негувањето и правилниот развој на младите генерации. Еден едноставен пример кој го потврдува мојот став е третманот и односот кон часовите по физичко воспитание и развој во сите училишта, каде истите или најчесто се одбегнуваат или воопшто не се посетуваат и одржуваат. Ако на тоа се надодаде и фактот, дека системот на општински, градски, регионални, па државни спортски натпреварувања меѓу спортските селекции на училиштата практично и веќе да не постои, повеќе од јасни се причините за ваквите состојби. Поентата и суштината на спортот, не е секој млад спортист да стане Ѓоковиќ, Федерер, Меси или Роналдо, туку да практикува активност и процес низ кој ќе се изгради како здрава личност со здрави животни навики. Оваа лоша основа, дополнително го еродира и професионалниот спорт воопшто. На ова поле, ни недостасуваат национални центри за развој со конкретна стратегија слична на онаа во образованието. Повторно ќе дадам пример: Во Македонија се изградија стотина тениски терени низ целата држава, но за жал нивната изградба послужи за сосема друга намена и истата не беше проследена со соодветна стратегија, која оваа огромна инвестиција правилно може да ја искористи. Лично сметам дека ние како „мала“ нација, би требало да се фокусираме на развој на поединечните спортови, бидејќи тие се поисплатливи од инвестициска смисла, а преку нив можеме да добиеме поголема меѓународна промоција, што во моментов не е случај. Затоа, неопходни се итни промени во образовниот систем, со значајни ефекти врз развојот на спортот и активноста на младите луѓе кои треба да бидат свесни дека и низ спортот можат да изградат не само спортска кариера, туку и реални можности за нивно деловно етаблирање, како во земјата така и во странство.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Владимир Чубриноски: Стратегија и идеологија базирани на граѓански пристап и концепт. Отвореноста на Македонски Концепт кон нови идеи, проекти и инцијативи и подготвеноста да се слушне разумот, искуството и праксата од луѓето кои во својата професионална кариера постигнале значаен личен резултат и успех.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Владимир Чубриноски: Моите професионални капацитети се изградени во тенисот и секако спортот генерално. На Македонски Концепт ги ставам на располагање сите свои професионални знаења и искуства, а во насока на креирање, имплементација и градење на солидна стратегија за развојот на спортот и младите воопшто.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Владимир Чубриноски: За градење на една здрава спортска нација! За реализација на реални и издржани проекти на полето на спортот како дел од образовниот систем, и во рамките на професионалниот спортски систем!

Според мене лично, успехот во спортот воопшто, е најдобриот начин да се промовира и популаризира една нација во домашни и светски рамки.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Владимир Чубриноски: Ефикасно спроведување на реформи во било која општествена сфера е возможно само преку издржани, добро осмислени и успешно реализирани проекти. Тука ќе напоменам дека проектите треба да бидат водени од професионалци и докажани авторитети во сферата каде одреден проект делува или се насочува. Само овој пристап, би ја гарантирал промената која сакаме да ни се случи.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Владимир Чубриноски: Поздрава спортска нација, со реформиран образовен систем кој вистински ќе одговори и правилно ќе го насочи развојот на младите луѓе. Нација со сѐ почести и повисоки спортски достигнувања, на домашен и меѓународен план..




*превземено од politika.com.mk

Елена Тушевска: Вистински, силни и темелни реформи час поскоро треба да спроведе политичкиот фактор за да се почувствуваат промените во државата



Интервју со Елена Тушевска, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 4



Елена Тушевска, родена во Валандово, е млад граѓански активист. Завршено средно образование во СОУ “Гоце Делчев” Валандово. Моментално студира на факултетот за туризам и угостителство, а воедно е во работен однос во сектор-продажба. Волонтер е во општествена организација на Црвен Крст Валандово како долгогодишен член и хуманист..

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Елена Тушевска: Едноличната и монотона политичка реалија и спроведување на власта дома и во однос на меѓународната политика што во овие 30 години ја практикуваа двете најголеми партии кои беа на власт во Македонија, како и слободоумниот, прогресивен и европски – граѓански пристап во програмата на МК Концепт, се основните причини што ме мотивираа да се приклучам оваа нова политичка понуда кај нас…

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Елена Тушевска: Да. Иако сум млада особа, со внимание ги следев политичките прилики кај нас, на локално и на државно ниво. Досега не сум била политички ангажирана ни како подржувач, ниту како симпатизер, а уште помалку како член на одредена партија, но секогаш со внимание ги следев политичките збиднувања.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Елена Тушевска: Целосно следење и спроведување на европските вредности, јакнење на економијата, неодложно и темелно реализирање на реформите во судството, администрацијата и другите сфери, зголемен степен на демократија, ослободување од тесно-партиските интереси, како и внимателно водење на меѓународната политика, според мене, се основните постулати кои се пресудни за подобрата иднина на државата.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Елена Тушевска: Постојат повеќе приоритети кои политичкиот фактор мора да ги преземе за да се направат многу неопходни промени во нашата држава, ако сакаме Македонија да зачекори напред кон прокламираните европски вредности и квалитет на живот. Постои цел сет приоритети кои досега беа нотирани само декларативно, но практично, многу малку или ништо не се операционализира суштински. Реформи, но вистински, силни и темелни реформи час поскоро треба да спроведе политичкиот фактор за да се почувствуваат промените во државата.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Елена Тушевска: Со личен ангажман и посветеност, контакти со граѓанството во мојата локална средина и пошироко, разговори и елаборирање на програмата и целите на Македонски концепт, сметам дека би можела да придонесам промените што ги предлага МК Концепт да дојдат поблиску до граѓаните и да бидат правилно разбрани и подржани.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Елена Тушевска: Управувањето со процесите во државата е од круцијално значење, особено во годините што следат, а во функција на нашата европска перспектива и почеток на преговорите со ЕУ. Лично, како член на МК Концепт ќе се залагам за целите и проектите кои се составен дел од нашата Програма, а се во потполна согласност со европските визии на една држава која тежнее кон вистинска демократија, пријателски односи и разбирање со соседите, стабилност, благосостојба и грижа за секој граѓанин…

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Елена Тушевска: Проектите се составен дел на една сериозна Програма. Сметам дека добро осмислени, правилно профилирани, подготвени во функција на подобрувањето на животот на граѓаните, се conditio sine qua non за остварување на целите на МК Концепт, особено сега кога Европа подржува издржани проекти во земјите аспиранти за членство.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Елена Тушевска: Доколку заеднички, целосно и вистински ги спроведеме заложбите, за пет години Македонија ја гледам за исто толку години поблиску до полноправното членство во ЕУ. Секако, паралелно очекувам и бенефити на „домашен терен“.




*превземено од politika.com.mk

Марија Спасовски: Потребно е одговорно владеење, транспарентност и почитување на демократските принципи, еднакви можности за сите, нулта толеранција за корупција



Интервју со Марија Спасовски, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 2



Марија Спасовски е родена и израсната во Скопје. Магистер е по Менаџмент на човечки ресурси во општествени дејности при Филозофскиот факултет во Скопје. Веќе 7 години работи како HR професионалец што ја прави добар познавач на состојбите на пазарот на труд и новите трендови во управување со човечки капитал.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Марија Спасовски: Доволно видовме и слушнавме од политичките партии кои до сега раководеа со државата, веќе подолго време потребна е нова, свежа опција која ќе направи разлика а која не е класична политичка партија. Идејата за НОРМАЛНА држава е мостот што ме поврза со оваа Македонски Концепт и ме поттикна да дадам и личен придонес во нејзино реализирање.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Марија Спасовски: Да ова е мој прв политички ангажман.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Марија Спасовски: Одговорно владеење, транспарентност и почитување на демократските принципи, еднакви можности за сите, нулта толеранција за корупција

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Марија Спасовски : Дефинитивно прво реорганизација и дигитализација на државните служби. Се уште сме заглавени во застарен систем на функиоцнирање и кога треба да се оствари некое право или заврши некоја обврска се губи премногу време и ресурси одејќи од шалтер на шалтер или од една во друга институција. Ќе ви дадам и пример од секојдневието со кој и јас лично сум се соочила. По склучување на брак, најпрво промената на презиме се пријавува во МВР за да се сменат и личните документи. Кога нашите институции би биле дигитално поврзани, веднаш штом се направи промената во системот на МВР истата би важела и во останатите институции, што денес во времето во кое живееме не е случај, па треба посебно да се оди на пример во Фондот за Здравство, да се достави посебен образец во УЈП итн.

Темелни реформи на образовниот процес – децата ни живета во време во кое промената е константа.Постојано има развој на технологии, а образованието и содржините што ги нуди се застарени. Ако сакаме образована, конкурентна малдина која ќе остане во државата мора да се направи ревизија на образовните програми, да се воведат нови модели на учење, да се следат потребите на бизнис заедницата при креирање на програмите, да се има визија каква ќе биде побарувачката на пазарот на труд во иднина па образовните програми да се адаптираат спрема тоа.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Марија Спасовски: Тоа што Македонски Концепт е граѓанска платформа која нуди отворен пристап и еднакви можност за секој кој сака да се вклучи и да даде личен придонес кон подобрување на општествените прилики. Македонски Концепт за кратко време успеа да обедини лица со интегритет, професионалци во различни сфери кои искрено се залагаат за подобрување на состојбите во државата. Тука можам отворено да дискутирам и да бидам слушната, секоја идеја или заложба се цени, различностите се добредојдени.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Марија Спасовски: Активно ќе учествувам во реализирање на проектите кои ми се блиски и каде можам да дадам придонес ставајќи го на располагање моето стручно познавање во дадена област и искуството стекнато во реалниот сектор од кој доаѓам.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Марија Спасовски: Како што напоменав погоре дефинитивно ќе се залагам за реорагнизација и дигитализација на државните служби. Можеби затоа што во досегашното работење најмногу сум имала проблем со спори, неажурни институции.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Марија Спасовски: Проектите ни даваат детална рамка за реализација на однапред поставена цел. Во проектите е јасно дефиниран временскиот период потребен за планирање, подготовка и реализација значи проектот секогаш има почетен и краен датум, во проектите има планирање на активности и проценка на трошоци,а не како досегашните програми со кои се фалеа партииите најчесто пред избори па по освојување на власта имавме нула реализација.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Марија Спасовски: За 5 години од сега Македонија го има изодено поголемиот дел од патот да стане полноравна членка на ЕУ, има спроведено темелни реформи во повеќе општествени сфери кои почнуваат да даваат резултати, ослободена е од досегашниот партиски mindset за тоа како треба да се раководи со државата … Односно за 5 години од сега ќе имаме “ЖИВА МАКЕДОНИЈА” во која граѓаните се задоволни и среќни со значително подобрен квалитет на живот.




*превземено од politika.com.mk

Милан Стојановски: Македонија мора да се ослободи од прангите на мафијата, досегашниве владејачки гарнитури покажаа не само дека не можат да се борат со неа, туку се и нејзини продолжени раце



Интервју со Милан Стојановски, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 3



АМилан Стојановски, Адвокат во РМ и Правен консултант за Имиграционо и Даночно право во САД.

Магистер од областа на правото на интелектулна сопственост при Универзитетот Illinois Institute of Technology, Chicago Kent College of Law во Чикаго, САД.

Магистер на правни науки од областа на Меѓународното право и меѓународните односи при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Правен Факултет Јустинијан Први во Скопје, Македонија


ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Милан Стојановски: Македонски Концепт за првпат во кратката и декадетна политичка историја по осамостојувањето на Република Македонија понуди различност на политичката сцена. Никогаш порано една политичка опција не дозволила обичниот и чесен човек да се вклучи во креирање на политики и предлози и истите да бидат прифатени и внесени во програма. Најчесто ваквите проекти на султанските партии во Македонија завршуваат со предлозите на граѓаните во машина за уништување на хартија. Иницијална каписла да влезам како активист во Македонски Концепт ја имаше Петар Богојески. Иако истиот знаеше дека скоро две години сум на дообразување на мастер студии во САД, ми се јави и од мене побара да дадам свој предлог реформи во правосудтвото. Само размислете, дали некогаш некој друг политичар или политичка опција би го имала овој пристап кон обичниот граѓанин. Неколку дена после краткиот разговор на телефон и нафрлање на можни решенија за овој проблем, имав можност да ја гледам презентацијата на Македонски Концепт преку социјалните медиуми. Замислете, разговарате на телефон во најобичен опуштен разговор и после две недели некоја политичка опција работела, истражувала и направила рамковен предлог за реформи во правосудството во голем дел на предлозите што сте ги дале. Бев изненаден и почестен, а посебно благодарен и горд што колегите адвокати кои се дел од Македониски Концепт подробно ја разработиле проблематика и создале одличен проект во кој се вклучени и моите предлози. Знаете, за прв пат почуствував дека Македонија е конечно спремна да го примени еден од најважните принципи во нашиот Устав „…Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Милан Стојановски: Не знам дали за жал или за среќа, да ова е мојот прв посериозен политички ангажман. Моите предтци доста страдале во Кралството и во Комунистичка Југославија. Се за што работеле им било насилно одземано и ги враќале на почеток. Се сеќавам како дете како татко ми се бореше 10-15 години да ги собере сите тапии и документи од национализираниот имот на прадедо ми. Во едно такво опркружување природно е да се приклониш кон опцијата која е против наследникот на КПЈ/КПМ. Долги години бев член и активист на ВМРО ДПМНЕ. Не знам дали сум сеуште член (затоа што не исклучуваа без да знаеме), но некаде кон крајот на 2012 година целосно го пасивизирав мојот активизам поради преголемата контрола која тогашното раководство ја презема врз членовите, а посебно ме повреди мешањето во приватниот живот. Но, сега сметам дека сум доволно стручен и способен сериозно да се вклучам во креирањето политики за подобра и нормална Република.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Милан Стојановски: Пресудно за подобро идинина на државата е да го смениме начинот на размислување. Да престанеме сите да бидеме ескперти за се. Всушност најдобро прво да престанеме да бидеме експерти, туку само со својата скромна стручност, секој во својот домен да допринесе онолку колку што може. Мораме конечно сите да си го најдеме своето место под сонцето македонско. Кога секој од нас би дејствувал во полето за кое се образувал или работно се надградувал ќе се исчисти сивилото во Републиката. Па тука ќе се навратам на оние Експерти за СЕ. Настрана од граѓанството, овој феномен е се поизразен во владејачките гарнитури, па така се ротираат министри од едно во друго министерството без никакво познавање од проблематика која треба да ја менаџираат. Јас потполно го разбирам дека премиерот во својот кабинет и во својата влада сака да постави луѓе од доверба и можам дури и да замижам доколку се постави несоодветен профил на министерска позиција, но не можам да замижам на фактот дека истите тие луѓе не знаат да го изменаџираат ниту својот кабинет, па ги полнат министерствата со партиски кадри кои ниту можат да допринесат за работата на органот и уште полошо не можат да бидат соодветно менаџирани, затоа што ви нивните умови нивниот работодавец е партијата која ги донела таму. И тогаш овие функционери си земаат за право тие да ги креираат политиките кои се многу поголеми од нив и многу поважни од нив. Во тој момент се ко кула од карти се распаѓа органот на управување, кој е една од поважните карти во кулата наречена држава. Единствен начин за подобра иднина е поставување на така наречена „мерит“ администрација воспоставена со едиствена цел, да служи како сервис на граѓаните и на државата, не само на своите „работодавци“.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Милан Стојановски: Да се ослободи од прангите на мафијата. Мафијата е присутна во секој пора од нашето општество, а досегашниве владејачки гарнитури покажаа не само дека не можат да се борат со неа, туку се и нејзини продолжени раце. Расчистувањето на врските со мафијата и нејзино кривично гонење е најголемиот приоротет, па макар и со ризик по својот живот. Оној што не е спремен да го ризикува својот живот за своите следбеници, не може да биде лидер и никогаш повеќе не треба да му се дозволи. Кога ќе расчистиме со криминалот и корупциите, ќе бидеме поголеми европјани од било која европска држава. Тогаш и само тогаш нема да бидеме уценувани, туку напротив, молени да се прилучиме кон европското семејство на кое и припаѓаме.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Милан Стојановски: Европскиот концепт на слободен проток на капитал, добра, услуги и труд, либерализација на банкарскиот сектори, дигитализација и реформи во правосудството. Колку клише звучи ова последново „реформи во правосудството“?! Во последниве 30 години се изнаслушавме за овие реформи од секоја политичка гарнитура, но на дело видовме само класична злоупотреба за сопствени лукративни цели, партиски контролирани судии, нестручно, неефикасно и корумпирано судство и обвинителство. Тимот од Македонски Концепт за реформи во правосудството кој не е составен од „експерти“ туку од луѓе во праксата од тој систем на државата, има изработено проект за според нас најпозитивните искуства од државите низ светот. Доста беше со препишување закони од Германија и Хрватска кои не знаеме како да ги примениме. Македонија е една од најмладите држави на балканот и треба да градиме правосуден систем кој ќе биде апликативен на нашите карактеристики и ефикасен во владеењето на правото. Ги анализиравме искуствата од САД и Англија како земји припаднички на прецедентното право, како и Австрија, Германија, Франција и Скандивнавските земји како припаднички на континеталното право и создадовме хибрид за нашите услови, а во согласно со принципите на европското право како земја која се стреми да стане членка на европското семејсво.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Милан Стојановски: Иако моментално живеам и работам во САД, јас сум во постојана комуникација со тимот за реформи во правосудството. Разменуваме идеи помеѓу нас како и идеи од нашите колеги ширум светот. Со мојата скромна стручност и искуство како адвокат и правник во два комплетно различни системи посветено работам на креирање решение за систем кој ќе биде применлив и ефикасен за владеењето на правото во Република Македонија. Доколку ми биде дадена подршката во ИЕ3 каде што сум кандидат и каде што припаѓа моето родно Свети Николе, се обврзувам да бидам народен пратеник на секој еден граѓанин на Републиката без разлика на верската, националната или политичката припадност. Целта на Македонски Концепт е да му дадеме на секој граѓанин шанса да управува со својата држава на еден модерен македонски начин, секој со своето знаење и искуство да придонесува кон сферата во која делува. Ова ќе го постигнам со организирање на редовни средби со граѓаните и сослушување на нивните предлози, идеи, проекти и безрезервна поддршка од Македонски Концепт за нивна реализација.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Милан Стојановски: Како што споменав и претходно, еден од проектите каде што се чувствувам најспремен да помогнам е воспоставување на нов правосуден систем и владење на правото. Се залагам за формирање на една единствена правосудна комора во која ќе членуваат сите правници, судии, обвинители, адвокати, нотари, извршители. Комора со свој дисциплински суд за сите нејзини членови кои ја злоупотребиле својата позиција и која ќе има можност да им ја одзема или суспендира лиценцата на членовите. Па така доколку Судија се огрешил пред законот или ја злоупотребил својата позција и на истиот му биде одземена лиценцата од комората, истиот ќе мора да биде разрешен бидејќи станал неподобен да биде судија. Истото ќе се однесува и на останати членови, обвинителите, адвокатите итн. Комората во своите органи ќе има и комисија за именувања преку која низ неколку филтри ќе треба да поминат сите апликанти за некоја од наведените фунцкии или професии, па дури после поминување на сите филтри етички, морални и законски ќе можат да станат кандидати за истата функција. Овие филтри ќе се состојат од практично искуство, финански ветинг, политичка активност или морална позадина со подетални анализи апликативни на самата фунцкија за која се кандидираат. Судиите и обвинителите ќе се бираат на непосредни избори од граѓаните или непосредни избори во самата комора само откако ќе ги поминат сите филтри за чесност и отчесност. На истите, на секои 5 години ќе им биде спроведувања финансиска ревизија каде што ќе мора да го докажат потеклото на имотот со кој се стекнале од преземањето на фукцијата. Доколку се увиди злоупотреба за истите ќе биде поведен соодветна постака за одземање на лиценца, разрешување од функција и соодветно кривично или граѓанско гонење. Последиците за нив ќе одат дотаму да не само го вратат имотот со кој нелегално се стекнале туку платата и дополнителни казни за штетите кои ги предизвикале, проширени во реална штета и казнена штета. Вршењето на јавна функција или функција со јавни овластувања мора да ја гарантира својата чесност со целиот свој имот.Секој граѓанин ќе има можност да го повика на одговорност судијата, обвинителот, адвокатот, нотарот, пред дисциплински обвинител и да ги изнесе своите докази и сознанија, а дисциплинскиот обвинител иститот предмет ќе го образложи пред дисциплинскиот суд. Само така ќе изградиме чесно судство,чесно обвинителство, чесен нотаријат итн. Само чесноста и совесноста во правосудните органите ќе донесат владеење на правото, а владеењето на правото ќе расчисти со мафијата и ќе ја стимулира економијата.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Милан Стојановски: Затоа што ни е доста прераскажани бајки кои не само што не завршуваат добро, не завршуваат ни трагично, туку трагедијата никогаш не завршува. Ние живееме во ужас без крај.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Милан Стојановски: Македонецот со векови трпел угнетување и сеуште го трпи. Но кога македонец ќе каже доста е, за тоа слуша светот и Европа. Како што експлозиите на солунските атентати одекнаа дури до Франција и Америка и експлозијата на модерниот македонец ќе одекне силно. Најголемите и најискусните ќе се поклонунваат на храброста и посветеноста на најмладите, како што светот им се поклони на гемиџиите. Македонија ќе стои гордо, рамо до рамо и ќе биде почитувана од најголемите. Да, и ова звучи како бајка, бајка која мора самите да ја створиме за да ја живееме, бајка која за да стане реалност мора да ја слушне експлозијата. Како што познатиот македоснки бенд Архангел испеа:

Ѕид од празни зборови

Меѓу нас и она што е суштина,

Чекам истрел да те разбуди

Чекам истрел кој ќе пресуди

Убер Македонише (Надмакедонец)

Го зврвивме патот од црв, преку мајмун до човек,од робство, преку фиктивна држава до слобода и независност.Сега мора да станеме надмакедонци, во спротивно ќе останеме најголем мајмун од сите мајмуни, најголем роб од сите слободни.

Македонски Концепт е истрелот кој ќе пресуди!




*превземено од politika.com.mk

Александар Талевски: Политичкиот фактор треба да биде подготвен да ги изгуби следните избори, бидејќи мерките кои мора да се преземат во Македонија сигурно ќе бидат непопуларни и болни



Интервју со Александар Талевски , кандидат на листа на пратеници за ИЕ 1



Александар Талевски е Дипломиран машински инженер на УКИМ. Целата своја професионална кариера ја реализира како овластен инженер, преку реализација и работа на проекти и на други професионални ангажмани во сферата на градежништвото.

Александар е општествено активна личност, секогаш на страната на послабите и критичар на власта, која и да е. Подготвен да ги критикува и активностите на Македонски Концепт, ако стане власт или дел од неа..


ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Александар Талевски: Објективизација на историјата, максимално користење на фондовите за инфраструктурни проекти, пред сѐ патишта и пруги, бескомпромисна проверка на сите “факултетски дипломи” од основањето на приватните факултети до денес и јавен список на имињата на фалсификаторите. Бескомпромисно воспоставување на правна држава на граѓаните на РМ, со акцент пред сѐ на граѓаните!

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Александар Талевски: Не, не е мој прв политички ангажман. Сум бил член на Собранието на РМ во мандатот од 1998 до 2002 година.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Александар Талевски: Драстично подобрување на системот и процесите во образованието, правниот сектор и производството на добра во РМ.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Александар Талевски: Политичкит фактор треба да биде подготвен да ги изгуби следните избори, бидејќи мерките кои мора да се превземат во Македонија, сигурно ќе бидат непопуларни и болни.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Александар Талевски: Граѓанско општество.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Александар Талевски: Со непоколебливо работење во насока на градење на граѓански концепт на државата и устоличување на стручноста над партиските интереси.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Александар Талевски: Завршување на започнатите и почнување на нови капитални инвестиции во патниот и железничкиот сообраќај, изградба на платформата за Граѓанско општество и реформирањето на системите на правната држава.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Александар Талевски: Затоа што така ќе имаме конкретизација на одговорности и дефиниција на точни рокови, задачи и приоритети.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Александар Талевски: Граѓанска, Нормална, помалку и „досадна“ Држава. Да завршат конечно “историските времиња” и процесот на правењето на државата. Да отпочне Нормален Живот, достоен за секој граѓанин.




*превземено од politika.com.mk

Младен Спасков: Време е за почеток на суштински реформи во начинот и процесите неопходни за нормално управување со државата



Интервју со Младен Спасков, кандидат за листа на пратеници за ИЕ 4



Младен Спасков е Дипломиран Офицер од родот пешадија на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Од 2006 година, па сѐ до денес, професионално работи на позицијата Командир на судската полиција во Прилеп.

Покрај формалното, се стекнува и со дополнително образование во склоп на неговите професионални капацитети, од што издвојува: успешно завршената обука за командири на водови при Министерство за Одбрана на АРМ и успешно завршена обука и стекнат сертификат за „Обука за обучувачи за континуирана обука“ во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.


ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК концепт?

Младен Спасков: Станува збор за заеднички размислувања, ставови, визија, кои одат кон аспектите на подобрувањето во функционирањето и организирањето на нашата Држава.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Младен Спасков: Да. Не сум бил досега член ниту активист на било која партија.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Младен Спасков: За подобра иднина пресудно е пред сѐ, на клучните позиции да се постават луѓе кои на прво место ќе го стават народот и граѓаните, а не личните и партиските интереси, со што би се направиле такви чекори и спровеле суштествени мерки кои би придонеле секој граѓанин да биде задоволен од самата Држава. На тој начин и помладите генерации ќе размислуваат да си ја бараат својата шанса и иднина тука, и да останат во Државата.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Младен Спасков: Според мене за една држава да стои на здрави нозе, сметам дека треба да се преземат неколку клучни промени во општеството. Приоритет мора да се стави на реформите во Образовниот систем, економските реформи, подобрувањето на квалитетот на услугите во здравството, и секако, почеток на суштински реформи во начинот и процесите неопходни за нормално управување со државата.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Младен Спасков: Македонски концепт во моментов нуди политичка платформа, каде секој граѓанин има право да си го каже своето мислење, став, и за истото да не биде погрешно разбран. Од друга страна, оваа платформа нуди и почива на професионалност и стручно искуство во различни области на општествено политичкиот живот. Тој пристап е суштествено различен од досегашната политичка понуда, ако така и може да се нарече.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Младен Спасков: Со сето мое знаење и стручност би помогнал во реализација и спроведување на реформите насочени кон подобрување на безбедноста во државата.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Младен Спасков: За воспоставување на нормална Држава, каде сите проблеми би се решиле на база на демократија, искреност, решителност. За изнаоѓање на вистински и конкретни мерки насочени кон решение на конкретни проблеми и спроведување на суштински промени, неопходни за нормално функционирање на системот.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Младен Спасков: Преку проектите може полесно да се реализираат конкретни процеси или реформи и на тој начин лесно и транспарентно да се реализираат повеќе решенија за подобра иднина на нашите граѓани.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Младен Спасков: Економски постабилна и перспективна за младите луѓе. Доведување на корупцијатата до степен на нејзино искоренување, и секако, дел NATO I EU.




*превземено од politika.com.mk

м-р Катерина Василеска: Секој поминат ден без промена на системот во образованието, ќе има фатални последици врз сите други сектори



Интервју со м-р Катерина Василеска, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 5



Катерина Василеска – Магистер по човекови права и демократија и социјална претприемачка од Охрид. Покрај Македонија, се има образувано на специјалистички обуки за родова еднаквост, одржливо управување, проектно менаџирање и лидерство и во Босна, Италија, Косово, Хрватска, САД, Израел, Холандија, Франција, Германија. Во истите земји, има остварено соработка и континуирана размена на успешни пракси со многу организации и експерти во разни области. Создавач на: уникатен модел за лидерство за млади и Лидерската академија за девојки (Best Practice Awards in Education 2015 – Soroptimist International of Europe), практичен курс за екологија за средношколци „Посвојте парк“– Best State Alumni Innovation Project 2012), еколошки образовни тури околу Охридското езеро, активист е во неколку локални граѓански иницијативи во Охрид и Струга, ко-основач на општествено одговорна организација за промоција на автентични туристички искуства од Македонија и Албанија.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

м-р Катерина Василеска: Одбрав да живеам во Македонија и да не се преселам иако имав многу можности. Завршив политички науки, бидејќи отсекогаш сакав да се вклучам во осмислувањето на јавни политики особено во сегментот на одржливо управување. После многубројни обиди (околу 50-тина проекти) да направам позитивни промени преку граѓанскиот сектор, сфатив дека за долгорочни и стратешки промени, неизбежно е да се стапи на политичката сцена. Бидејќи политиките на досегашните најголеми партии немаа добри резултати, единствен избор ми беше некоја трета опција. Храброста со која г-дин Богојески настапуваше во последниве години, неговата искреност и самокритичност ми влеаја доверба. Ги следев и анализирав сите објави и луѓето кои се вклучени во Македонски Концепт, и заклучив дека тоа е мојата опција, за некого трета, но според мене прва и најдобра.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

м-р Катерина Василеска: Да. Припаѓам на „неопределените“ кои не се обоиле со водечките политички партии. Сум била поддржувач на третите опции како „Левица“ на почетоците и симпатизер на сите граѓански движења кои се обидувале да донесат позитивни промени во Македонија. Сум била и дел од многу иницијативи и проекти кои имале за цел да ги подобрат условите во образованието, екологијата, туризмот – што иако е вон официјалните канали на политиката, го сметам за мој независен политички ангажман.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

м-р Катерина Василеска: Политичките партии треба да престанат да се однесуваат како биро за вработување на своите членови. Администрацијата, училиштата, болниците, министерствата после секои избори се полнат со несоодветни партиски кадри кои со својата нестручност и големи „врски“ го блокираат нормалниот проток на сите секојдневни услуги од кои ние граѓаните зависиме.

Истовремено, најспособните кадри, гледајќи го сето ова, непрекинато заминуваат од Македонија. Со тоа ги губиме токму оние, кои можат да ја трансформираат оваа тажна состојба, чии жртви се граѓаните, децата, болните, ранливите категории.

Во оваа насока пресудно би било на државни работни места да се вработат најспособните, врз основа на компетентност, без разлика дали или на која партија припаѓаат. Секако важно е да се има мерливост на резултатите и годишни проверки на работата на сите оние кои се платени со пари од буџетот.

Позициите на пратеници, советници, градоначалници треба да се позиции каде ќе има место за оние граѓани кои се докажале како искусни, успешни и сакаат да го споделат своето знаење на ниво на цела држава. Овие позиции треба да се нормално платени и нема потреба од имунитети и бенефиции, бидејќи ги подразбирам како позиции за јавно препознавање и уважување на најдобрите граѓани кои освен за себе, сакаат и знаат како да придонесат за целата држава.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

м-р Катерина Василеска: Неопходни се брзи и ефикасни реформи буквално во сите сектори, а најитно би рекла во банкарскиот, енергетскиот и земјоделскиот сектор. Тоа е за да имаме пристап до ефтини пари да се раздвижи стопанството, одржлива енергија и храна што е неопходно за да можеме како држава да сме колку толку само-одржливи и со голем праг на еластичност во вонредни состојби како на пример оваа со Корона кризата.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

м-р Катерина Василеска: Стручност пред партиска припадност. Либерализација на банкарскиот сектор. Проверка на имотот на сите функционери 30 години наназад и конфискација каде ќе се утврди нечесно стекнат имот.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

м-р Катерина Василеска: 15 годишно искуство како предавач и креатор на програми во неформалното образование, со стотици учесници на моите обуки. Најдобрите македонски предавачи-учители се вон формалното образование, бидејќи сите знаеме како се влегува на работа во државните училишта и факултетите. Тоа е тажно, има фатални последици, но овој процес не смее да продолжи. Учителите мора да се најкомпетентните, вистински посветените и веќе докажаните во својата сфера.

Педагошки факултет треба е престиж и таму да има место само за најдобрите. Сметам дека животните вештини треба да се дел од формалното образование, а не нешто попатно како сега. Секој поминат ден без промена во на системот образованието, ќе има фатални последици врз сите други сектори.

Одржливиот туризам е мојата втора омилена тема – доаѓам од Охрид, работам како водич скоро две децении и ги сведочам негативните последици од масовниот и ефтин туризам кој го промени ликот на мојот прекрасен град.

Важно ми е да си ја зачуваме Македонија убава и природна, и да фатиме чекор со модерните трендови на одржлив туризам. Да престанеме да се нудиме како ефтина дестинација за масовен туризам! Охрид, Струга, Ресен, Дебрца и сите прекрасни села, градови, планини во Македонија заслужуваат многу повеќе од епитет „ефтини“.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

м-р Катерина Василеска: За квалитетни, способни и чесни луѓе – граѓани на Македонија, да бидат ангажирани во сите процеси, независно од нивната партиска определеност, етничка припадност, возраст. За создавање на јавни политики и носење одлуки во консултација со стручни лица, а не со партиски претставници. Да не измислуваме топла вода, сѐ е одамна измислено – туку стручните луѓе да дадат насоки на кој начин да го адаптираме и примениме она што функционирало кај други. За да си ги вратиме најспособните кои ни заминаа разочарани – сакам да им ја вратиме вербата во Македонија и да посакаат да ни помогнат на нас кои останавме, со нивното искуство и контакти од други држави.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

м-р Катерина Василеска: Проектите се засега единствена алатка која успешно се применува и во бизнисот и во граѓанскиот сектор. Преку проектите на еден јасен и лесно следлив начин – една идеја се трансформира во конкретен логичен редослед на активности кои даваат мерливи резултати. Дури и ако некој проект е неуспешен, многу лесно може да се пронајде каде бил проблемот и брзо да се реагира. Современите концепти за проекти се многу адаптибилни и лесно менливи, ако е потребно. И најважно од сѐ, имаат поставени индикатори и во секој момент се знае до каде е проектот. А долгорочните стратегии и класични партиски програми кои се како колекција на желби, се полесни за манипулација, и барем јас не сум видела некој да поднесува отчет за сработеното. Проектите се кратки, јасни, ефикасни или не – сѐ тоа е многу повидливо и транспарентно. На ниво на држава, секако е неопходно – проектите во сите нивни фази, да бидат дигитално достапни на секој заинтересиран граѓанин кој сака да има увид до каде е сработено она што е ветено, а не да се чека на секои 4 години пред избори.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

м-р Катерина Василеска: Нормална држава, со функционални институции, со стручни лица на лидерските позиции и со задоволни граѓани, кои се горди што останале тука. Со издржана социјална политика која се грижи за ранливите и немоќните. Со бизнисмени кои сакаат да инвестираат тука и знаат да ги ценат своите вработени. Со дигитализирана и ефикасна администрација. Со млади кои сакаат и ја гледаат својата иднина тука каде што се родиле. Со граѓани кои не се приморани да молат и да се понижуваат за работа по партиските штабови.




*превземено од politika.com.mk